„Да учиме од нив“ со Маја Бабиќ
На кратко претстави ни се себеси и твојата професија?
Жена во најубавите средни години, вработена, домаќинка, сопруга и мајка на еден возрасен син и едно големо куче.
Веќе 25 години мојата професија е организација на настани и ПР и менаџмент на настаните. Главно, Баги Комуникации се познати по организација на концерти и големи јавни настани. Во последниве години се занимавам и со ТВ продукција, а работам и како проектен менаџер во Здружението Борка.
Како изгледа еден твој работен ден?
За среќа, ниту еден работен ден не наликува на претходниот. Секој проект и настан носи нови луѓе, нова креативна енергија и нов предизвик. Тоа е убавината на мојата професија и не би ја менувала за ништо. Денот ми започнува околу 8 часот, а бидејќи не сум утринска личност ја имам таа привилегија да започнам да работам околу 10. Но затоа, работниот ден трае сè додека не завршат обврските, понекогаш и до доцна навечер. Во меѓувреме, мора да се менаџираат и домашните обврски и релации, а она што е константно е секојдневната долга прошетка со кучето околу 20 часот.
На кој начин се справуваш со стресните ситуации на твоето работно место?
Ако има еден збор со кој се опишува мојата професија, тоа е многу стрес и адреналин. Некако, со текот на времето, стекнувате искуство и учите да го совладувате стресот или барем да не му обрнувате премногу внимание. Искуството е тоа што ме научило дека секоја стресна ситуација може да се менаџира, да се совлада, само треба трезвеност и разум за да се надмине.
Кои активности ти помагаат да се ослободиш од стресот во слободно време?
Различен стрес совладувам различно. Понекогаш оставам сѐ и седнувам да се напијам кафе. После завршен настан кога сѐ поминало, сакам чаша вино или некој коктел. По напорен ден знам да се зафатам со домашни активности. Попрво ќе ме видите како чистам и средувам на полноќ отколку наутро. Но дефинитивно, најголемиот борец против стресот ми е дружбата со кучето, без разлика дали го четкам, се галиме или одиме на прошетка. Неговата смирена енергија, неверојатната толеранција и безусловна љубов го ослободуваат стресот од мене за миг.
Факт е дека живееме во исклучително стресно време, но со текот на годините научив дека она на што не можам да влијаам не смее да ми создава стрес. Дека од секоја ситуација може да се излезе и да се најде соодветно решение. Научив дека здравјето е најважно и дека мора да најдеме начин да уживаме во секој момент, дури и во совладување на предизвиците.