Што е Persen и за што се користи?
Home Persen
Persen е традиционален хербален лек со растително потекло. Содржи комбинација од сув воденоетанолен екстракт од корен на валеријана, сув екстракт од листови на мелиса и сув екстракт од листови на нане.
Валеријаната и листот од мелиса традиционално се користат за смирување, а листовите на мелисата и нането имаат ублажувачко дејство врз слабите гастроинтестинални тегоби. Традиционално е познато дека коренот од валеријана, листовите од мелиса и од нане имаат седативно дејство при умерени состојби на стрес, напнатост и го олеснуваат заспивањето.
Persen традиционално се употребува при умерени состојби на напнатост и немир предизвикани од стрес и за олеснување на заспивањето.
Подрачјето на употреба се темели главно на долгогодишното искуство.
Што треба да знаете пред да го употребите Persen
Немојте да го употребувате Persen, ако:
- сте преосетливи на корен од валеријана, лист од мелиса, лист од нане или која било друга помошна состојка на лекот.
Бидете посебно внимателни со Persen:
- Ако имате желудочноезофагусен рефлукс (ждригавица) треба да ја избегнувате употребата на Persen, бидејќи листовите од нане можат да ја влошат ждригавицата.
- Ако имате камен во жолчка или други болести на жолчката и жолчните канали бидете особено внимателни при употреба на препарати кои содржат нане.
Ве молиме да се посоветувате со лекар и тогаш кога горенаведените укажувања се однесувале на Вас кога и да било во минатото.
Нема податоци за меѓусебното дејство на Persen со други лекови. Не се препорачува истовремена употреба со синтетички седативи (на пример, бензодиазепини) и таа е оправдана само под надзор на лекар.
Од безбедносни причини не се препорачува истовремено земање на обложени таблети Persen со алкохолни пијалаци. Таблетите Persen се земаат со течност (чаша вода), независно од оброците.
Безбедната употреба на Persen за време на бременоста и доењето не е утврдена. Како мерка на претпазливост не се препорачува употребата на Persen за време на бременост и доење.
Земањето на Persen може да ја наруши способноста за возење и ракување со машини. Затоа, доколку сте земале од лекот, не се препорачува возење или ракување со машини.
Како да се употребува Persen?
Возрасни и адолесценти над 12 години:
- При состојба на стрес, напнатост и раздразливост се препорачува да се земаат по три обложени таблети, трипати на ден.
- За полесно заспивање се препорачува да се земат три обложени таблети половина час до еден час пред спиење.
Таблетите се голтаат со течност (чаша вода), независно од оброците.
Дејството на Persen се манифестира постепено. За да се постигне оптимален терапевтски ефект, потребно е таблетите континуирано да се земаат најмалку 14 дена. Ако состојбата не се подобри или, пак, се влоши по 14 дена од употребата на Persen, потребно е да се консултирате со Вашиот лекар.
Времетраењето на лекувањето не е ограничено. По долготрајна употреба на Persen во препорачаните дози, не се јавува зависност ниту апстиненцијални симптоми.
Употреба кај деца помлади од 12 години
Бидејќи нема искуства за употребата на Persen кај деца, не се препорачува лекот да се дава кај деца помали од 12 години.
Ако имате впечаток дека дејството на Persen е премногу силно или премногу слабо, посоветувајте се со Вашиот лекар или фармацевт.
Ако сте зеле поголема доза Persen отколку што треба
Поединечна доза од приближно 20 g корен од валеријана (еквивалентно на околу 103 Persen обложени таблети) може да предизвика симптоми како што се: замор, стомачни грчеви, стегање во градите, занесеност, тремор на рацете и мидријаза. Овие симптоми се повлекуваат во текот на 24 часа. Доколку не исчезнат и по 24 часа, потребно е веднаш да се консултирате со вашиот лекар. Не се пријавени случаи на предозирање со лист на мелиса и со лист на нане.