„Да учиме од нив“ со Христина Милосављевиќ

На кратко претстави ни се себеси и твојата професија?

Јас сум Христина Милосављевиќ, имам 26 години и речиси четири години го работам она што од дете го посакував, а ми изгледаше недостижно. По професија сум стјуардеса.

Како изгледа еден твој работен ден?

Мојот работен ден е многу, многу динамичен.

Почнувајќи од самата подготовка за работната должност (секогаш со почеток во различно време), патувањето до работното место, сеќавањето со понекогаш и до шестотини различни луѓе во еден ден, многу од нив со свои индивидуални потреби, стравови и желби на кои секогаш гледаме и јас и останатите колеги да одговориме максимално професионално и навремено.

Секој нов работен ден си носи нови предизвици, ситуации и различни постапувања по истите.

На кој начин се справуваш со стресните ситуации на твоето работно место?

Стресни моменти во авијацијата има многу и неретко се случуваат. Меѓутоа нема простор за нервозни испади и загрижени и несигурни погледи.

Стекнатото искуство ми помага да имам исклучиво професионален пристап кон каква и да е ситуација. Неретко мојата реакција на тоа што се случува е набљудувана од луѓе кои се борат со самите себе и својот страв, па токму затоа колку и да е стресна ситуацијата секогаш реагирам смирено и со разбирање.

Кои активности ти помагаат да се ослободиш од стресот во слободно време?

Мислам дека е многу важно сите да научиме пред сè да го слушаме телото и да му го даваме потребниот одмор. Стресот е присутен, неизбежен, и исцрпува. Психофизичкото здравје треба да е сечиј, индивидуален приоритет.

Конкретно јас, би го напоменала квалитетниот сон и одмор, па потоа природата како место кое го користам за полнење на батериите.

Ме опуштаат дружби со блиски луѓе, добар филм/книга, возење велосипед и секако патувања на нови места секогаш кога времето тоа ми го дозволува.

Recommended Posts