„Да учиме од нив“ со Иво Цветковски

На кратко претстави ни се себеси и твојата професија?

Јас сум Иво Цветковски, по професија пожарникар-спасител во противпожарната бригада на Град Скопје и поранешен карате репрезентативец на Македонија.

Да се биде пожарникар е многу хумана професија во која им помагате на многу луѓе, но неопходно е да бидете свесен и за сите препреки, ризици и опасности. Секој ден е различен и потребна е многу тимска работа за справување со сите предизвици кои ќе ни го донесе денот.

Како изгледа еден твој работен ден?

Потребна е многу дисциплина, професионалност и прецизност во секое време.

Наутро најчесто правиме предавање на смената, проверки на опремата и појадуваме заедно. Една многу убава традиција која ја имаме во бригадата е што оброците си ги подготвуваме самите.

Понатаму сè зависи од денот и колку повици за пожар ќе примиме. Кога сме на терен на себе носиме многу тешка опрема, се изложуваме на високи температури и нивото на стрес е високо бидејќи често се соочуваме со ситуации каде луѓе се заглавени во домовите.

Во бригарадата често имаме и обуки и вежби за усовршување, а имаме и теретана и опрема за вежбање.

Вечерта најчесто е период за многу повици на пожари па нашиот сон не е баш мирен додека сме на повик. Постојано си на штрек надевајќи се дека нема да го слушнеш оној повик на сирената.

На кој начин се справуваш со стресните ситуации на твоето работно место?

Кога се соочувате со ситуации во кои животот на други луѓе зависи од вас, а воедно и својот го ставата во опасност, неопходно е да настапите одлучно и со самодоверба. За време на возењето до конкретната локација размислуваш за тоа што те очекува на самото место и главата си креираш милион сценарија. Стресот е постојано присутен, но секогаш е потиснат од желбата да им се помогне на луѓето и од одговорноста која ја чувствуваме кон граѓаните кои ни ја дале нивната доверба.

Кои активности ти помагаат да се ослободиш од стресот во слободно време?

Разговор со моите најблиски, поминување време во игра и забава со моите две деца, добар тренинг, здрава, урамнотежена исхрана, свеж воздух на планина и добар сон се работи кои ми помагаат да се ослободам од стресот во слободното време.

Recommended Posts